Македонија
22. March 2023 - 20:51

Шефицата на германската дипломатија Бербок утре во Скопје

Министерката за надворешни работи на Сојузна Република Германија Аналена Бербок утре ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија на покана на нејзиниот колега шефот на дипломатијата Бујар Османи. За време на посетата покрај средбата со министерот Османи таа ќе биде примена и од претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.

Како што соопшти МНР, во рамки на својата прва посета на земјава, министерката Бербок ќе оствари средби и со парламентарната Комисија за надворешна политика, како и со претставници на опозициските партии.

По пристигнувањето, Бербок и Османи ќе одржат тет-а-тет средба, потоа ќе следува средба на двете делегации, а двајцата министри ќе одржат и заедничка прес - конференција.

Разговорите меѓу двајцата министри, како што се најавува, ќе се сосредоточат на пристапниот процес на државата во ЕУ, меѓу другото и на претстојните уставни измени, како наша преземена обврска за продолжување на процесот на преговори со Унијата.

Теми на разговор ќе бидат и билатералните односи меѓу двете земји со акцент на богатата економска соработка, нашето претседавање со ОБСЕ и соработката во рамките на НАТО Алијансата во светло на разнишаната европска безбедносна архитектура.

-Посетата на германската министерка Бербок се толкува како јасен сигнал на Сојузна Република Германија за интересот на германската надворешна политика во насока на целокупна поддршка на нашата земја и нашиот евроинтегративен процес, особено во годината во која прославуваме значаен јубилеј - 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи со пријателска Германија, стои во соопштението.

Германското МНР, порано, денеска, за посетата на Бербок на Скопје соопшти дека главниот фокус во разговорите ќе биде на пристапувањето на земјата во ЕУ, а особено потребата за уставни измени како неопходен чекор кон Унијата.

По посетата на Скопје, Аналена Бербок во петок ќе отпатува во Грузија.