Македонија
23. December 2016 - 18:12

Шефаит од карбинското село Ебеплија осуден на 10,5 години затвор

Петчлениот кривичен судски совет чиј претседател е судијата Сашко Ѓеорѓиев од Основниот суд во Штип денеска ја објави пресудата за 35 годишниот Мустафа Шефаит, кој во мај годинава во карбинското село Ебеплија на планината Плачковица се обиде да го убие сопствениот брат, а потоа два дена со автоматска пушка се криеше на планината. Судот одлучи дека Шефаит е виновен и доби единствена казна затвор од 10 години и шест месеци.

Судијата Ѓеорѓиев прецизира дека Шефаит е обвинет за две сторени кривични дела, едното е обид за убиство за што му е изречена казна затвор од осум години, а второто нелегално поседување на оружје за што доби казна од четири години или единствената казна затвор од вкупно 10 години и шест месеци.

Тој рече дека Шефаит ја признал вината пред судот, а мерката притвор му се продолжува се до моментот кога ќе почне и издржувањето на казната затвор, бидејќи и Обвинителството и бранителот на Шефаит имаат право на жалба на пресудата до второстепениот суд.

Шефаит во 2000 година во селото Црвулево уби три лица. Тогаш беше осуден на казна затвор од 15 години.