Свет
21. November 2015 - 14:29

Шарл Мишел: Имаме информации за планирани самоубиствени напади во Брисел

Претседателот на Владата на Кралството Белгија, Шарл Мишел, на пладневната прес-конференција во Брисел објави дека Националното координативно тело за безбедност имало дојава дека за денеска, еден или повеќе терористи имале намера со експлозиви да се разнесат на различни места во Брисел, јави дописникот на МИА од Брисел.

Поради таквите информации денеска е кренато нивото на закана од тероризам на највисокиот четврти степен во целиот регион главниот град. Четвртиот степен на закана од тероризам значи дека заканата од терористички напад е „сериозна и неизбежна“.

По денешниот Совет за национална безбедност на Белгија, премиерот Мишел објави дека е отворен кризен телефонски број „1771“, каде лица што имаат информации за чудни движења и појави, како и за можни терористички напади ќе може да се јавуваат.

На прес-конференција, првиот чвоек на белгиската Влада не сакаше да го прецизира бројот на податоци за видот на информациите што доведоа денеска метро-станиците во метрополата да останат затворени, за огромната присутност на белгиската полиција и војска на улиците на главниот град и акцијата на специјалните сили во населбата Порт де Намур во Брисел, која е на стотина метри од Европскиот парламент.

- Ризикот од напад, формално не се исклучува. Силната мобилизација на јавниот транспорт, а посебно на метрото, каде има многу голема бројка на луѓе што се движат, па поради неможноста целокупното движење во истите во целост да се исконтролира, одлуката е да се затвори метрото до недела попладне. Утре, Координативното тело за анализи на закани (ОЦАМ) ќе се состане да одреди дали може да се намали нивото на закана и да се отворат метро-станиците, истакна соопшти премиерот Мишел.

Претседателот на Владата на Кралството Белгија, на крајот додаде дека овие силни мерки се резултат на информацијата дека еден или повеќе вооружени лица со експлозиви се подготвени да изведат напади. Токму затоа се превземени сите денешни чекори на безбедност што ги вознемирија жителите на Брисел, на кои премиерот Мишел им порача да не се паничат.

А, претходно, министерот за внатрешни работи Јан Јамбон, порача дека ќе се проверува „куќа по куќа“ во бриселската населба Моленбек-Сен Жан, каде се претпоставува дека се крие моментно најбараниот терорист во Европа, Салах Абдеслам, едне од учесниците во грозоморниот терористички напад што минатата недела се случи во париз, кога беа убиени 129 лица, а 350 беа повредени.