Свет
23. May 2017 - 13:01

Шанон: Турција направи за Сиријците повеќе од сите останати земји

Турција за Сиријците направи повеќе од сите останати земји, изјави американскиот помошник државен секретар за политички прашања, Томас Шанон, цитиран од руските медиуми. 

- Ниту една друга земја не направи повеќе за Сиријците од Турција, која прими над три милиона бегалци и е клучен логистички центар за хуманитарната помош, што и се доделува на Сирија, изјави Шанон.

Тој додаде дека заканите, што произлегуваат од непријателите, меѓу кои се групите Исламска држава и фронтот Ал Нурса, се опасни и сложени.

Изјавата на Шанон е дадена неколку дена по средбата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.

Разговорите меѓу двајцата претседатели минаа на одгласите за противречности меѓу двете земји, што се заострија заради одлуката на Трамп за вооружување на сириските курдски Сили за заштита на народот, кои учествуваат во борбата против Исламска држава.