Македонија
8. јуни 2023 - 19:56

Шаќири се предомисли, учебници ќе има за сите од 1 септември

„Дефинитивно ќе има учебници. И тоа е дефинитивно“ – Јетон Шаќири, министер за образование.

Министерот Шаќири овој пат е сигурен дека учебници ќе има – но се уште не може да најде кој ќе го напише учебникот по македонски јазик за петто одделение.

Автор се бара и за пишување на учебникот по историја кој беше повлечен бидејќи беше полн со грешки.

-Имаше повеќе од 4-5 повици од страна на Педагошката служба. Има ситуација во која во одредена фаза на учебникот авторите не постапуваат по забелешките што ги добиваат. После тоа Националниот совет за учебници одлучува да не одобрува никој од учебниците или да почне нова постапка. Затоа сега повеќето од ракописите за учебниците од 3-то одделение веќе се доставени. За 6-то одделение се во фаза на рецензенти, рече Шаќири.

Вели, месецов завршува постапката за избор на компанија која ќе ги печати, и без разлика дали ќе има жалбена постапка, учебниците ќе бидат готови до 1 септември. Оваа учебна година учениците ја почнаа со речиси 75 илјади привремени учебници за што државата потроши 640 илјади евра – пари земени под заем од Светска банка.

По катастрофалните грешки во учебниците, МОН сега ќе бара начин како тие да се сведат на минимум.

-Што се однесува за технички грешки во учебниците, ќе се обидеме да најдеме начин со авторите да има што помалку технички грешки во нив. Први септември ќе не најде поподготвени зошто ги немаме предизвиците од претходната учебна година, рече Шаќири.

Законот не предвидувал казни за авторите и рецензентите кои дадоа зелено светли за грешните учебници. Шаќири ќе барал авторите што згрешиле да немаат право да се пријавуваат на друг оглас.