Спорт плус
14. October 2015 - 14:56

Шах: Силен состав на Алкалоид за Европскиот куп

Најуспешниот клуб во шаховската историја на Македонија, Шаховскиот клуб „Алкалоид“ ја комплетираше својата екипа со која ќе настапи на најсилното клупско шаховско натпреварување – Европски клупски куп (European Club Cup), кое годинава ќе се одржи во Скопје, од 17-ти до 25-ти октомври.
 
Покрај претходно најавените петмина силни Велемајстори од топ 50 на светската рејтинг листа, меѓу кои: Евгениј Томашевски, Дмитриј Јаковенко, Василиј Иванчук, Дмитриј Андрејкин и Јури Криворучко, како и македонските шахисти ИМ Филип Панчевски и ВМ Трајко Недев, ШК „Алкалоид“ добива уште едно меѓународно засилување - кинескиот Велемајстор Ју Јангји од Кина.
 
Иако има само 21 година, рангиран е на 30-то место на светската рејтинг листа со 2.721 поен. Велемајстор од 2009 година, репрезентативец на Кина (која последниве години доминира во светскиот екипен шах) и победник на неколку значајни турнири. Го вбројуваат меѓу перспективните силни велемајстори и е најмлад играч во составот на ШК „Алкалоид“ за ЕКК 2015.
 
Негови позначајни успеси се: 2004 Светско јуниорско до 10 години, дели 1 место; 2013 Светски јуниорски шампион до 20 години; 2014 Шампион на Кина; 2014 Шампион на Азија; 2014 Победник на QatarMasters, каде што го победува и поранешниот светски шампион Владимир Крамник, и еден од водечките светски играчи Аниш Гири; 2014 Член на репрезентацијата на Кина која освојува златен медал на Олимпијадата во Тромсо, Норвешка (личен резултат 9,5 поени од 11 партии); 2015 Златен медал со репрезентацијата на Кина на Светскиот Екипен Шампионат и во 2015 година е победник на International Capablanka Memorial Tournament, во кубанската престолнина Куба.0
 
Конкуренцијата на претстојниот ЕКК 2015 ќе биде исклучително силна. Листата ја предводи екипата на двократниот европски шампион „Сокар“ од Азербејџан, а го следат „Сибир“ и „Медни Всадник“ од Русија „Нови Бор“ од Чешка и „Обиетиво Рисарцименто Падова“ од Италија.
 
Согласно иницијално објавената листа на организаторот на турнирот, ШК „Алкалоид“ е рангиран на петтото место.