Loading Video...
Фудбал
12. јуни 2020 - 14:07

Севиља го доби градското дерби со Бетис

Со градското дерби во Севиља одиграно синоќа рестартувани се натпреварите во шпанското фудбалско првенство. 
 
Андалузиското дерби кое се одигра на стадионот „Рамон Санчез Питсхуан“ го добија домаќините, фудбалерите на Севиља кои со 2-0 го победија Реал Бетис
 
До победата Севиља стигна во вториот дел. Во 56. минута главниот арбитар на мечот реши да досуди пенал, иако и по ВАР снимката се чини дека одлуката беше престрога. Но, тоа не му пречеше на Окампос да го реализира пеналот за водство од 1-0.
 
Шест минути подоцна Фернандо беше стрелец на вториот гол. 
 
Со новите три бодови и вкупно 50, Севиља се зацврсти на третото место на табелата зад лидерот Барселона која има 58, односно Реал Мадрид кој досега собра 56 бодови.
 
Ова беше натпревар од 28.коло на Ла Лига во која до крајот на сезоната предвиден за 19 јули, секој ден ќе се игра најмалку по еден натпревар. 
 
Така вечерва на програмата е второто градско дерби во ова коло во кое на „Местаља“ Валенсија го пречекува тимот Леванте за кој настапува македонскиот репрезентативец Енес Барди. Два часа порано ќе играат Гранада и Хетафе.