Свет
16. February 2017 - 11:03

Севернокорејците го прославуваат роденденот на покојниот лидер Ким Џонг-ил

Севернокорејците го одбележуваат роденденот на покојниот лидер Ким Џонг-ил, без да знаат дека пред неколку денови во Малезија беше убиен Ким Џонг-нам, неговиот најстар син и полубрат на сегашниот севернокорејски лидер Ким Џонг-ун.

Како и секоја година, во прославата се вклучени танци и положување на венци пред бронзените споменици. 

Во државните медиуми не беше објавено за смртта на Ким Џонг-нам, што според некои извештаи е резултат на внимателно планирано убиство.

Имено, повеќето жители на Северна Кореја воопшто не знаат за постоењето на Ким Џонг-нам, за кого се смета дека го поминал поголемиот дел од последната деценија во егзил надвор од Северна Кореја. 

Малкумина од нив имаат пристап до странските медиуми, а државните медиуми главно известуваат за владејачките претставници. 

Другите членови на семејството, особено проблематичните како Ким Џонг-нам, кој еднаш изјави дека Северна Кореја треба да се откаже од своето наследно управување, се споменуваат ретко или никогаш. 

Севернокорејските државни медиуми јавија дека лидерот Ким Џонг-ун вчера посетил мавзолеј во Пјонгјанг и присуствувал на голем митинг. 

Во центарот на Пјонгјанг од рано утринава илјадници луѓе излегуваат во да положат венци пред спомениците на покојните лидери Ким Џонг-ил и Ким Ил-сен, кој е основач на Северна Кореја. 

Од Севернокорејците се очекува да оддадат почит кон лидерите на сите големи празници и годишнини и властите обезбедуваат традиционално одбележување на роденденот на Ким Џонг-ил.