Свет
16. October 2017 - 22:34

Северна Кореја се закани: Нуклеарната војна може да започне во секој момент

Северна Кореја им порача на ОН дека никогаш нема да преговара за својата нуклеарна програма доколку САД не ја сменат својата „непријателска политика“.

Пјонгјанг предупреди дека „нуклеарна војна може да избие во секој момент“.

Заменик амбасадорот на Северна Кореја во ОН, Ким ин Ријонг изјави пред Одборот за разоружување при Генералното собрание на ОН дека ситуацијата на Корејскиот Полуостров „достигнала многу критична точка и нуклеарната војна може да избие во секој момент“.

- Додека непријателската политика и нуклеарната закана од САД целосно не се искоренат, никогаш нема да го ставиме нашето нуклеарно оружје и балистичките ракети на преговарачка маса под никакви околности, истакна Ким.

Севернокорејскиот дипломат нагласи дека по повеќето ракетни лансирања и шесте нуклеарни проби, неговата земја „минала низ последната порта“ на патот кон статус полноправна нуклеарна сила, со можност да изврши нуклеарен напад.

- Целата копнена територија на САД е во наш дострел и доколку тие се обидат да нападнат дури и еден сантиметар од нашата света земја, нема да се извлечат од казната во било кој дел од светот, додаде Ким.

Тој потенцира дека Северна Кореја нема да употреби нуклеарно оружје кон ниту една друга земја која нема да се придружи кон воената кампања, предводена од САД.

САД и Јужна Кореја денеска започнаа 10-дневни заеднички воени поморски вежби, а во нив учествуваат и еден американски носач на авиони и два американски разурнувачи.