Свет
29. August 2017 - 18:27

Северна Кореја истрела ракета со среден дострел

Ракетата што Северна Кореја утрово ја лансира е балистичка, со среден дострел, изјавија двајца американски неименувани претставници.

Тие посочија дека е неопходна дополнителна анализа со цел да се разјасни дали тестирањето на ракетата било успешно или не. Според првичните податоци Северна Кореја истрела ракета КХ-17 или „Хвасон-12“, која според класификацијата на Пентагон таа е балистичка ракета со среден дострел и има радиус на дејствување од 2.778 до 5.556 километри.

Северна Кореја откако за време на викендот истрела три ракети со краток дострел, утрово лансираше ракета со среден дострел која ги надлета северните делови од Јапонија, пред да падне во Тихи Океан, на околу 1.180 километри источно од градот Еримом, на северниот јапонски остров Хокаидо. 

Во соопштението од јапонската Влада се наведува дека не бил направен обид од страна на јапонските сили да се собори севернокорејската ракета, но таа предизвикала да биде покрената безбедносна тревога.

Јапонскиот премиер Шинѕо Абе, веднаш по инцидентот со севернокорејската ракета, изјави дека Владата прави се за да се заштитат човечките животи.

- Лидерите на САД и на Јапонија се договорија да го зголемат притисокот врз Северна Кореја, посочи Абе.

Советот за безбедност на ОН за денеска закажа вонредна седница по барање на Токио и Вашингтон.  Според дипломатски извори, СБ на ОН има можности да наметне нови санкции кон Пјонгјанг. Нафтениот сектор, на пример, беше исклучен од последните санкции наметнати во почетокот на август. Сепак, експертите наведуваат дека е дискутабилна примената и ефикансноста на санкции, кои имаат за цел да ја седнат Северна Кореја на преговарачка маса, со оглед на тоа дека официјален Пјонгјанг постојано изнаоѓа начини за да ги заобиколи санкциите.

Амбасадорот на Северна Кореја во ОН Ја Сонг Нам порача дека САД треба да очекуваат „катастрофални последици“, доколку продолжат со острата реторика.

Тој оцени дека Северна Кореја има право да ги тестира своите ракети, како што тоа го направим утринава, кога ракета прелета преку Јапонија.

- По лансирањето на ракетата, државниот секретар на САД Рекс Тилерсон и јужнокорејската надворешна министерка Кан Кион-хва се согласија да разгледаат построги санкции против Северна Кореја, се наведува во соопштение од Сеул.

По лансирањето на севернокорејската ракета реагираше и официјален Пекинг. Кинеската Влада предупреди дека тензиите на Корејскиот Полуостров достигнале критична точка откако Северна Кореја лансираше балистичка ракета преку северна Јапонија.

Во соопштение на кинеската Влада се посочува и дека делумна вина за тензиите во регионот имаат и САД и повикува да запрат провокациите од сите инволвирани страни.

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Кина, Хуа Чун Јинг денеска побара Пјонгјанг да го запре тестирањето на новите модели ракети во замена за прекин на заедничките американско - јужнокорејски воени вежби. 

Според официјален Пекинг, САД и Јужна Кореја одржувале една по друга воени вежби и со тоа извршиле воен притисок на Северна Кореја иако, како што изјавила Хуа, притисокот и санкции не можат да ја решат основата на проблемот.

И шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров апелираше до Пјонгјанг да ги почитува резолуциите што се однесуваат на нејзината ракетна програма.

- Што се однесува на лансирањето на ракетата од Северна Кореја, ние се придржуваме на резолуциите на ОН и инсистираме Северна Кореја да ги почитува тие резолуции, изјави Лавров.

Британската премиерка Тереза Меј, пред најавената посета на Токио, истакна дека е огорчена поради најновото лансирање на балистичка ракета од страна на Северна Кореја.

- Премиерката е огорчена поради безобѕирните провокации на Северна Кореја и најостро ги осудува овие нелегални проби. Од наша перспектива, сакаме да продолжиме да работиме со нашите меѓународни партнери, со цел да продолжиме да ја притискаме Северна Кореја, изјави портпаролот на Меј.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сите опции за одговор на Северна Кореја се на маса.

- Светот ја прими последната порака од Северна Кореја јасно и гласно: тој режим покажа презир кон соседите, кон сите членки на Обединети нации и кон минимум стандардите за прифатливо меѓународно однесување, истакна Трамп.

Тој додаде дека заканите и дестабилизаричките акции само ја зголемуваат изолацијата на севернокорејскиот режим во регионот и меѓу сите држави во светот.