Свет
16. November 2020 - 10:19

Северна Кореја ги заострува мерките поради пандемијата на коронавирус

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун нареди заострување на државните системи за вонредни мерки против коронавирус, поради светската пандемија.

Наредбата е издадена додека тој претседавал со состанокот на Политбирото на владејачката Работничка партија, објави државната новинска агенција КЦНА.

Состанокот следувал во услови на економска и политичка несигурност во врска со глобалната пандемија на Ковид-19, што врши дополнителен притисок врз севернокорејската економија, веќе оптоварена со меѓународните санкции насочени кон запирање на нејзината нуклеарна програма, пренесува „Ројтерс“.

Појавувајќи се за прв пат во јавноста во последните 27 дена, Ким ја истакна потребата од воведување на тревога и засилување на противепидемиската акција, јави КЦНА.

Северна Кореја тестирала повеќе од 12.000 лица и не пријавила потврдени случаи на коронавирус од почетокот на ноември, според Светската здравствена организација.

Вкупно 6.173 лица, од кои осум странци, се откриени како сомнителни случаи, а 174 лица се ставени во карантин во последната недела од октомври, соопшти СЗО.