Македонија
5. јуни 2019 - 16:25

Сеуште нема резултати од истрагата за смртта на две лица на градежен објект во Чаир

Пет дена по фамилијарната трагедија во Чаир каде двајца браќа загинаа при ископ на канал, а близок роднина заврши во болница надлежните институции сеуште истражуваат кој е одговорен за нереќата. Од трудовиот инспекторат нема официјална информација, но неофицијално инспекторите при надзорот констатирале дека физичко лице ангажирало друго физичко лице да поврзе зграда со водоводната мрежа. Градежните работи не биле пријавени ниту во државниот ниту во Инспекторатот на општина Чаир. Од таму информираа дека ќе бараат евентуална одговорност и ќе поднеле соодветни пријави во зависност од одлуката на Обвинителството. Министерката за труд и социјала не сакаше да го коментира конкретниот случај и за одговори упати кај директорот на трудовиот инспекторат, но тој е недостапен за медиумите. Сепак Царовска која е предлагач на законот за заштита при работа смета дека земјава има европски регулативи во овој дел, но целосно не се спроведуват во пракса.

-Работодавачите, работниците не ги почитуваат препораките за носење заштитна опрема, истото е и со инспекторите кои некогаш прогледуваат низ прсти, изјави Мила Царовска, министер за труд и социјала.

За да се зголеми безбедноста на работните места и да се намали бројот на жртвите  Царовска најави зајакнување на трудовиот инспекторат и технички и со кадар. Според податоците од Македонското здржение за заштита при работа за 12 години во земјава 500 лица загинале додека работеле.