Свет
20. November 2017 - 10:59

Сеул: Пјонгјанг на чекор до изработка на проектил што може да го погоди западниот брег на САД

Разузнавачката служба на Јужна Кореја денеска информираше дека очекува Северна Кореја до крајот на годинава да развие ракета со која ќе може да го погоди западниот брег на САД.

Северна Кореја повеќе пати се закануваше дека има ракетен арсенал, кој може да ги погоди американските воени бази на Гуам и Хаваите, како и Калифорнија, на густо населениот западен брег на САД.

Разузнавачката служба на Јужна Кореја, која внимателно го следи развојот на нуклеарното оружје и ракетните програми на северниот сосед, за ваквите свои сознанија денеска ги информираше членовите на јужнокорејскиот Парламент.

Во текот на годинава, Северна Кореја изврши повеќе ракетни проби, при што во неколку случаи рекети ја надлетуваа Јапонија, а се претпоставува дека се подготвува и за нова нуклеарна проба во својот полигон Пунџие-ри.