Бизнис
8. November 2017 - 14:33

Сертификати за успешно завршен курс „службеник во книговодство“

Сертификати за успешно завршен курс „службеник во книговодство“ денеска во Агенцијата за вработување (АВРМ) им беа доделени на млади невработени лица до 29-годишна возраст кои успешно ја завршиле обуката  за стекнување вештини барани на пазарот на трудот и проверката на стекнатите знаења и вештини.

Обуката е во рамките на ИПА проектот „Поддршка за вработување на млади“, финансиран од Оперативната програма за развој на човечки ресурси 2007-2013, Инструмент за претпристапна помош ИПА“ чија цел е зголемување на работоспособноста на невработените млади луѓе до 29 години преку зголемување на нивното работно искуство, вработливоста и поддршката за самовработување.  

Програмата за стекнување со вештини барани на пазарот на трудот се реализираше кај верификуван спроведувач на обуката. Со четиримесечната обука што почна да се спроведува на 15 јуни годинава беа опфатени 210 лица од кои 167 жени и 41 маж активни баратели на работа во АВРМ. Од нив 79 жени и 21 маж од Скопје, Битола, Штип и Куманово ја посетуваа обуката службеник во книговдство што ја спроведуваше конзорциумот „Поли проект“, „ЛАРД“ и Образовен центар „Визија“, а по 40 кандидати обуките за шминкер, масер и негувател/ка за стари и немоќни лица во домашни услови. Покрај нив беа обучени и 220 лица за напредни ИТ вештини.

Сертификати АВРМ 1

Раководителот на Центарот за вработување на Град Скопје Борче Божиновски, кој им ги додели сертификатите за успешен завршен курс на невработените од Скопје заедно со претставникот на „Образовниот центар Визија“ Андријана Илиевска Додевска, рече дека е убеден оти овој проект во комбинација  со сите други мерки што ги има АВРМ ќе ја намали стапката на невработеност на пазарот на трудот и ќе придонесе за подобрување на вештините и знаењата на лицата кои успешно ја завршиле обуката.

- Се надевам дека сертификатите во блиска иднина ќе ви послужат за што побрзо вработување, порача Божиновски.

Илиевска Додевска истакна дека обуката ја посетувале кандидати кои веќе имале завршено средно или високо образование од областа на економијата, но без практично искуство што им било голема пречка при барање на работа, како и лица  од други струки и профили кои подолго време барале работа.

- Мислам дека и едните  и другите имаа повеќекратна корист затоа што се запознаа со законските регулативи и новите закони од областа на сметководството, а им беше пренесено и практично искуство од лицата што активно работат во сметководствените бироа. Тоа покрај сертификатите ќе ви биде најголемиот адут во барањето работа, рече Илиевска Додевска.

Таа порача дека образовниот центар и во иднина останува отворен за лицата што успешно ја завршија обуката доколку им треба помош за некои прашања во областа на сметководството.