Македонија
5. November 2017 - 17:12

Сериозен здравствен проблем е немањето Центар за гангрена во државата

Стотина пациенти со гангрена изминатите години талкале низ здравствените институции и на крајот дел од нив не ја добиле потребната услуга. Во земјата нема центар за третман на хронични рани и дијабетично стопало. Овие лица се ризик за останатите болни во клиниките поради опасноста од ширење на инфекции. На пластична хирургија коментираат дека после третман на ваков случај, неколку дена им се потребни за чистење на операционата сала. Со овој проблем се соочуваат и во ГОБ -8-ми септември.

-Тие имаат некој инфект и затоа мора да бидат изолирани за да не дојдат во контакт со останатите пациенти. Амбулантите мора да се чистат а исто е и со операционите сали. Треба дезинфекција за следните кои ќе дојдат во операциона сала, вели Христијан Костов, директор на ГОБ-8-ми септември.

Надлежните велат дека се свесни за овој сериозен здравствен проблем и затоа заедно со менаџерскиот тим на 8-ми септември каде има простор за вакво центар, работеле на трајно решавање на оваа ситуација. Но нема информации дали се обезбедени пари за опрема и кадар кој ќе работи со овие болни.

- Станува збор за проблем кој е наследен од претходната администрација, имајќи предвид дека извесен период е затворена операционата сала за гангрена на хируршки клиники. Министерството за здравство работи на изнаоѓање конструктивно решение и очекуваме во најкус можен рок да се реши овој проблем, велат од МЗ.

Според статистичките податоци, околу 60 проценти од ампутација на долни ексремитети е поради дијабетично стопало. Директорот на 8-ми септември вели дека во специјализиран центар за гангрени ќе има комплетен третман за овие пациенти.

-На едно место ќе има комплетен третман и на едно место ќе има неколку специјалности, вели Костов.

Иако биле разгледувани повеќе опции во неколку болници и клиники, според информации на Сител, центарот најверојатно ќе биде во ГОБ 8-ми септември.

Доколку надлежните одлучат центарот за гангрени да биде во ГОБ 8-ми септември, тогаш тој ќе биде сместен во просториите каде порано пациентите одеа на дијализа и кој е оддлеен од останатите амбуланти.