Свет
21. March 2016 - 12:35

Сериозен кинеско-индонезиски инцидент во Јужното Кинеско Море

Ноќта меѓу саботата и неделата во водите на Јужното Кинеско Море дошло до сериозен инцидент меѓу бродовите на кинеската и индонезиската крајбрежна стража.

Причина била еден кинески рибарски брод, кој бил фатен во илегален риболов, а три патролни брода на крајбрежната стража на Индонезија сакале да го принудат да вплови во пристаниште во Индонезија.

Обидот за приведување на рибарскиот брод бил спречен од неколку поголеми бродови на кинеската крајбрежна стража, кои побарале Индонезијците да ги ослободат уапсената членови на екипажот и да дозволат рибарскиот брод да се врати во кинески територијални води.

Соочени си закана од три пати поголемите и подобро вооружените кинески бродови, индонеските контролори ги исполниле барањата на кинеската Морнарица.

За инцидентот било известено Министерството за поморство и рибарство на Индонезија, а министерот Суси Пуџиастути денеска го повика кинескиот амбасадор во Џакарта да ги објасни случувањата.

Министерката за надворешни работи на Индонезија Ретно Марсуди денеска кратко изјави дека била информирана за инцидентот и дека ќе испрати остра протестна нота до Пекинг.

Јужното Кинеско Море, кое Кина го прогласува за нејзина суверена територија, е еден од поголемите меѓународни проблеми. Право на сувереност над територии во ова Море бараат и Виетнам, Брунеи, Малезија, Тајван и Филипините, но Пекинг ги одбива нивните барања.

Во спорот од почетокот на годинава се замеша и Воената морнарица на САД, која ги придружува филипинските воени и цивилни бродови, со порака дека се докажува правото на слободна пловидба.

Индонезија не е на списокот на држави кои спорат со Кина околу сувереноста на Јужното Кинеско Море, но веќе има запленето четири големи рибарски бродови од Кина, фатени во илегален риболов во нејзините води.

Два од нив, опремени со уреди за замрзнување и конзервирање на риба, од ноември минатата година чекаат судска одлука за тоа дали ќе бидат потопени.

Поради илегалниот риболов Индонезија трпи штети од над 20 милијарди долари, па од лани властите решија да ги палат,или потопуваат бродовите што се фатени во лов без дозвола.