Македонија
24. јуни 2018 - 10:32

Сензорната соба - место каде што исчезнуваат потешкотиите во развојот на децата

 Сензорните соби се специјално дизајнирани простории наменети за деца со аутизам, со ментална неразвиеност, со сензорен хендикеп, со пречки во говорот, како и за деца кај кои е забележана дислекција и кои како последица на оваа потешкотија манифестираат невообичаено однесување.

Терапијата во сенозрните соби потсетува на игра, но секоја активност внимателно е осмислена и насочена за поттикнување на децата и овозможува стимулација на оние кои не реагираат на околината, кои не зборуваат и до кои не можеме да допреме.

Во сензорните соби на секое дете му се дава можност самостојно да го истражува просторот и да одбере катче кое најмногу му одговара.

 

Од пред некое време и во Општинското основно училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода отворена е сензорната соба, која ја посетуваа за 20-тина деца со посебни образовни потреби вклучени во редовната настава.

 

Во просторијата поставена е нова електрична инсталација, поставени се лед светла што позитивно ќе влијаат врз сетилата на децата со посебни потреби, а во делот околу осветлувањето поставен е и гипс картон. Во училницата се поставени и нови прозорци, подлоги за под и лепенки кои ги красат ѕидовите со јунаците од популарните цртани филмови.

 

- Треба да се знае дека сензорната соба не е игротека, туку во неа на конструктивен начин се остваруваат поставените цели во воспитно образовниот процес. Во неа учениците ќе создадат чувство на сигурност и смиреност, ќе се поттикнат на учење, ќе се подобри концентрацијата, ќе се подобри вештината на комуникација, ќе се подобри самоконтролата и во целост ќе се подобри квалитетот на живеење на детето, вели Велика Миленковска, дефектолог од ООУ „Кирил Пејчиновиќ“.

 

- Преку различни активности во сензорната соба што се предизвик за децата, како и низ игра во опуштена атмосфера тие учат,  напредуваат и применуваат поинакви начини на однесување за одредени ситуации, вели таа.

Додава дека при работата со децата во сензорната соба се користат сложувалки, фигури, букви, бројки... Се прават колажи, мозаици и се црта, и на тој начин се развива нивната фантазија, учат едни од други и се поттикнуваат на тимска работа.

 

За да се забрза процесот на учење на децата им се помага и со визуелни помагала, како што се карти со слики, со што се подобрува интеракцијата со дечињата кои имаат потешкотии во комуницирањето.

- Во сензорната соба секоја активност која наликува на игра има своја смисла, вели Миленковска и додава дека крајната цел е развивање на способноста на детето за самоорганизација.

Нормално е, вели таа, да се биде различен од друг. 

- Треба да се почитува, разбере и да се цени различноста на учениците. Тие учат на различни начини и треба да им се даде поддршка во учењето - развој на физичките и менталните капацитети, стимулирање на аудитивните сетила, визуелните сетила, сетилата за допир, рамнотежа, зголемување на концентрација и внимание, учење, ангажирање во наставни и воннаставни активности, истакнува Миленковска.

 

Посочува дека родителите на дечињата кои ја посетуваа сензорната соба се многу задоволни, бидејќи средината е стимулативна и резултатите се видливи.

- Доколку постои соработка со родителите и она што ние го работиме во училиште продолжат да го практикуваат и дома по наши инструкции, тогаш успехот е неминовен на обострано задоволство, вели Миленковска.

 

Првите сензорни соби биле отворени во Холандија во 70-тите години од 20 век. Првобитно овие соби биле осмислени со цел да овозможат стимулирање на сетилата, да им овозможат на лицата со посебни потреби мир и да им помогне подобро да ја запознаат својата околина.

Истражувањата покажале дека кај децата кога се во сензорните соби се забележува намалување вознемиреност, стереотипното и агресивното однесување, а се поттикнува потенцијалот за развивање идеи.