Свет
11. May 2017 - 12:48

Сенатот на САД ги побара документите на Мајкл Флин за контактите со Русија

Американскиот Сенат, каде се води истрага за наводното руско мешање во минатогодишните избори во САД, ги побара со налог, на увид, сите документи со кои располага поранешниот советник за национална безбедност, Мајкл Флин.

Тој досега одбива, доброволно да соработува со сенатската комисија која ја води истрагата, па комисијата одлучи да користи една мошне ретко употребувана постапка, да наложи да и бидат предадени сите документи што ги поседува Флин.

Флин беше принуден да поднесе оставка на функцијата во Белата куќа, откако одби да ја обелодени содржината на неговите разговори со руските дипломати во текот на предизборната кампања на актуелниот претседател Доналд Трамп и за тоа го измами потпретседателот на САД.

Ваквото барање на Сенатот, доаѓа по неочекуваното и изненадувачко разрешување на директорот на Федералното истражно биро (ФБИ) Џејмс Коми.

Белата куќа ги уверува демократите во Конгресот и Сенатот, како и американската јавност дека разрешувањето е последица на неснаоѓањето и погрешното раководење со случајот околу мејловите на Хилари Клинтон, кој инаку беше една од темите во ланската изборна кампања, кој обилно ја користеше Трамп во неговите напади кон кандидатот на демократите.

Но високи функционери на Демократската партија и сенатори, инсистираат дека Коми е сменет откако сенатската комисија побара од Министерството за правда дополнителни податоци за истрагата за „руските врски“ на Трамп и неговиот тим во тект на изборниот процес.

Во налогот до Флин да ги предаде сите расположиви документи се вели дека на 28 април тој еднаш одбил да ги даде ддокументите.

Мајкл Флин е пензиониран генерал на американската војска, кој од почетокот беше вклучен во кампањата на Трамп, а потоа беше назначен за советник за национална безбедност.

Важи за човек кој е мошне близок до претседателот Трамп и за еден од најблиските негови сојузници, но остана без својата функција, откако ги сокри од Белата куќа разговорите што за американските санкции кон Русија ги водел неовластено и тајно со рускиот амбасадор во САД, Сергеј Кисљак.