Свет
12. March 2017 - 8:35

Сенаторот Берни Сандерс го обвинува претседателот Доналд Трамп дека „постојано лаже“

Сенаторот од сојузната држава Вермонт Берни Сандерс го обвини американскиот претседател Доналд Трамп, дека „постојано лаже“.

Во интервју за лондонски „Гардијан“, Сандерс кој беше еден од претендентите за номинацијата на Демократската партија, вели дека „ова се тешки времиња за САД и за целиот свет“.

- Имаме претседател кој е патолошки лажго, зашто Трамп лаже целото ова време и тоа не го прави случајно, тврди Сандерс, инсистирајќи дека тоа го прави за да ги поткопува темелите на американската демократија.

- Видете ги неговите диви напади врз медиумите, тврдејќи дека се што водечките медиумски куќи пишуваат е лажно и неточно. Или дисквалификацијата на еден федерален судија, кого инаку го има поставено претседателот Џорџ Буш, за тоа дека е таканаречен судија. Или пак неговите неточни, лажни тврдења дека дури пет милиони луѓе гласале илегално на изборите од осми ноември, посочува овој сенатор.

Според Сандерс, сите вакви изјави водат кон еден заклучок, а тоа е дека „во САД само еден човек се грижи за Американците, дека само тој ја зборува вистината и дека само тој е во право. Тој човек е претседателот Трамп, а сето ова е случај без преседан во американската историја“.

Сенаторот од Вермонт смета дека Трамп сака да стане лидер на држава која „загрижувачки се движи кон авторитаризам“, при што претседателот ќе има исклучителни овластувања, далеку над она што определува Уставот на САД, за што инаку треба да се грижи.

Во интервјуто сенаторот Сандерс не сака да зборува за претседателските избори, а посебно не за тоа дали ако тој, а не Хилари Клинтон беше номиниран, ќе можеше да го победи Трамп.

- За сето тоа не вреди сега да се шпекулира. Кој знае, можеби ќе победев, а можеби ќе загубев. Сите прогнози и даваа предност на Клинтон од три, наспроти еден, изјави за „Гардијан“, независниот сенатор Берни Сандерс.