Македонија
2. March 2016 - 14:44

Семинар: Етичкото однесување и моралните принципи да бидат основа во бизнисот

Етичкото однесување во бизнисот е многу поважно од остварувањето профит. Сите субјекти, производители, трговци, потрошувачи, вработени, раководни лица, деловни партнери, добавувачи, треба да имаат високи морални принципи, да бидат искрени, чесни и одговорни.

Ова е пораката од денешниот семинар што го организираа Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на Македонија -Турција (МАТТО).

Македонија, беше речено, во сегментот на одговорното, етичко деловно работење котира на слично ниво како останатите балкански земји. Простор за подобрување има, но мора да се разграничи дека етичкото однсување не се однесува само на сузбивање на корупцијата, туку и на коректното третирање на вработените, исплаќање фер плати, подобрување на односите кон добавувачите, соработниците, парнерите,...

Според експертите, иако во законите постојат одредени норми за етиката и ингетритетот на работата во компаниите, тоа многу малку се применува во пракса. Најуреден сектор во оваа смисла, е банкарскиот, додека на институционално ниво предничи Берзата.

- Деловното работење со интегритет е еден од најбараните квалитети и тука компаниите треба да ја преземат клучната улога. Дали ќе бидеме чесни во секојдневното однесување е наша лична одлука, но кога станува збор за бизнисот, тоа не е индивидуална одлука, туку одлука на компанијата. Затоа, секоја компанија треба да изготви кодекс на однесување преку кој ќе ги подучи своите вработени, но и партнерите, добавувачите и сите соработници за тоа што значи деловно работење со интегритет, истакна претседателот на Советот на странски инвеститори Штефан Петер.

Претседателот на МАТТО Туна Ејуп Кахвеџи нагласи дека етиката во целиот процес, од производството до крајната потрошувачка, мора да се воспостави.

- Ќе се обидеме да поттикнеме стандардизација на ова поле. Како што при купување одреден производ бараме исполнување некакви стандарди, така треба да се бараат стандарди и во етичкото однесување, нагласи Кахвеџи, според кој кризата во 2008 година покажа како неетичкото однесување има далекусежни последици кон општеството и семејствата.

Дел од етичкото, одговорно бизнис однесување, потенцира претседателот на МТТО, е и навремената исплата на работниците. 

- Во нашата култура, еден од основните принципи е заслуженото на работникот да му биде исплатено пред да му се исуши потта на челото. Верувам дека тоа што е заслужено со труд, треба навреме да биде исплатено, истакна Кахвеџи.

Според консултантот Љубомир Трајковски, ако имањето образ е само домашно воспитување, поседувањето интегритет во деловното работење е придржување до општо прифатените стандарди, правила и принципи.

- Бидејќи правилата за имање образ се прецизни, според меѓународни стандарди, останува желбата да се почитуваат, да се обезбедат услови вработените и раководителите да ги спроведуваат, да се контролира колку сме успешни во овој сегмент и да се трудиме да бидеме уште подобри, порача Трајковски.

Од досегашното искуство тој, како што рече, имал можност и задоволство да работи со фирми кои имаат образ, но и со такви кои го довеле во ситуација на компромис - дали да биде како нив или да се тргна на страна.

Оценка на Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнал е дека, иако постојат одредени, дури и законски правила за добро, етичко корпоративно работење, во Македонија многу малку компании имаат етички кодекси или какви било политики на интегритет.

- Работењето базирано на етика и интегритет се одразува и кон партнерите и кон средината во која компаниите работат. Ова е сосема нова тема која кај нас допрва се отвора најмногу затоа што нашите фирми кои работат со странство добиваат такви барања - да направат ревизија на интегритетот во компанијата или ревизија на етичките стандарди што досега не беше познато и својствено. Оттука и потребата се повеќе да се зборува на оваа тема, рече Тасева.

Одговорајќи на новинарско прашање, Петер рече дека странските директни инвестиции кои годинава се очекува да бидат уште поголеми, значително придонесуваат за етичкото работење.

- Во 2015 година имавме интензивни инвестиции. Тоа продолжи и годинава. Странските вложувања се многу важни зашто при соработката на странските компании со домашните, се пренесува многу знаење за етичкото работење, посочи Петер.

Со семинарот, Советот на странски инвеститори и МАТТО се придружуваат кон активностите на ОЕЦД како еден од најголемите промотори на стандардот - бизнис со интегритет.

Еден од начините да се одговори на предизвикот - морална исправност и квалитет е стандардот SEDEX, кој, како што беше речено, нуди едноставен и ефективен начин за управување со етички и одговорни практики во синџирот на снабдување.