Македонија
17. May 2022 - 16:32

Семејство на загинато момче обвинува дека возачот добил ниска казна

Бојан Петровски, брат на загинатиот Оливер кој на 29 јули 2020 година загина во сообраќајна несреќа додека со електричен тротинет одеше на работа е револтиран од пресудата на Основниот суд Битола за изречената казна за возачот на автомобилот кој учествуваше во сообраќајката.

 -Обвинетиот не признава вина, постапката се влечка скоро 2 година, но судијката решила да ја сподели вината, иако според доказите нема вина брат ми, половина кај покојниот и да го осуди убиецот на срамна пресуда од 18 месeци затвор, 25 годишно момче, тотално невино кое одеше на работа, но заради некој кој возел бесно прерано го заврши животот, рече Бојан Петровски.

Тој вели дека има недоследности во пресудата.

-Сторителот призна дека возел по левата страна, колата на сторителот е оштетена на левата страна, а во пресудата се тврди дека брат ми се движел во моментот на ударот, што нема никаква логика, не треба да сте вештак и експерт да го разберете тоа.

Вели дека тие законски немаат право на жалба. 

-Единствено јавниот обвинител и одбраната, ние немаме право на жалба како оштетени. Апелирам до јавното обвинителство да постапуваат согласно законот и етичките принципи, вели Петровски.

Бојан вели дека нема да застане и ќе ја бара правдата, ќе испрати писма до сите јавни судски органи, до народниот правобранител, а ќе организира и мирен протест во сабота како револт кон пресудата. Од страната на обвинетиот не сакаа да коментираат за случајот.

Инаку во пресудата на судот стои дека обвинетиот делото го сторил од небрежност, а како олеснителна околност се зема тоа што обвинетиот е млад човек, кој досега не бил осудуван и против него не се води друга постапка. Пишува и дека оваа казна ќе влијае врз обвинетиот да не врши во иднина други кривични дела и да биде повнимателен учесник во сообраќајот.

Од Основниот суд Битола велат дека пресудата по предметот е јавно објавена. Истата содржи правна поука и правото на жалба  е со Устав и закон  загарантирано и секоја од странките може да го  користи доколку е незадоволна од истата  или од целокупното водење на постапката. По однос на прашањето за недоследности на постапката , од Основниот суд велат дека немаат можност да се впуштат во толкување на истите. По тоа  прашање  ќе одлучува повисокиот суд во постапка по  жалба, доколку биде изјавена од страна на странките во постапката.