Македонија
25. April 2021 - 16:39

Семејствата на четвртоодделенци сами ќе купуваат уреди кои од септември ќе ги заменат учебниците

Само 4.000 деца од социјално-ранливи семејства од основно и средно училиште ги исполнуваат условите за добивање електронски уреди од државата за новата реформа со воведување дигитални учебници како примарни материјали за учениците.

Сепак, од следната година реформата ќе важи само за четвртоодделенците, што значи дека бројот на ученици кои од државата ќе добијат електронски уред ќе биде многу помал. Според податоците од Државниот завод за статистика, следната година четврто одделение треба да го започнат околу 21.700 ученици.

Претседателката на Комисијата за образование на СДСМ и директорка на Државниот испитен центар вели дека во иднина ќе треба да се размислува и и други категории да можат да добијат електронски уреди од државата. Според неа, дигиталните учебници ќе ги намалат трошоците на државата.

-Печатењето на хартиени учебници одземаше големи финансиски средства на државата и ако некој учебник требаше да биде променет заради неточности или застареност во содржината требаше да се повлече целиот тираж и да се препечати нов учебникл. Сега преку електорнските учебници тоа многу брзо, лесно и евтино може да се направи, вели Елизабета Наумовска.

Во меѓувреме, училиштата од родителите бараат да се изјаснат дали се во состојба да купат електронски уреди потребни за новата наставна програма. Според информации на Сител, во некои училишта, буквално сите родители рекле дека немаат можност да купуваат уреди. Цените на таблетите во продавниците варираат според нивните конфигурации. Најевтините се околу 3.000, а најскапите можат да чинат и до 70.000 денари.

Меѓународни студии покажуваат дека печатените учебници се неопходни за меморирање и разбирање на текстот. Според „Мајкрософт рисрч“ од Кембриџ учебникот на хартија е како топографска карта, го ориентира ученикот и му помага да меморира што чита.

Истражувањата на научниот тим CIBER, пак, покажува дека учењето од екран се карактеризира со брзо скенирање на информации, но се „скока“ од една на друга страна. Како значаен фактор на ризик од учењето од екран се наведува осиромашување на речникот и знаењето.

Родители и стручни лица се организираат преку социјалните мрежи и се очекува во текот на следната недела и формално да испратат барања и забелешки за новите промени во образовниот систем.