Македонија
16. April 2021 - 20:13

Семејства во Струмица плаќале 48.000 денари за погреб - ВМРО-ДПМНЕ бара намалување на цените

Намалување на цените на погребалните услуги во цела држава, предлага општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица. Иницијативата била резултат на реакциите од голем број граѓани кои се пожалиле дека во немилите моменти биле принудени да се соочат и со екстремно високи цени на услугите за погреб. Имало примери кога семејства за погреб на нивни близок услугата ја а плаќале и до 48.000 денари, со што биле доведени во незавидна финансиска состојба. Од партијата бараат владата и надлежните институции итно да го разгледаат ова прашање и да најдат решение со кое ќе се понудат пониски цени.

„Тажен е фактот дека во оваа земја поради ковид кризата некој може да оствари профит. Поради ова предлагаме под итно владата и надлежните органи да најдат решение и компаниите што ја обавуваат оваа дејност да понудат пониски, достапни цени. Доколку е потребно владата да реагира со ограничување или фиксирање на цените на одредени услуги“, вели Жан Дервошанов - претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Струмица.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат надлежните институции да направат ревизија и доколку се утврди дека е наплатено повеќе од реалното разликата да им биде вратена на граѓаните. Според нив во борбата за справување со кризата мора да им се помогне на сите граѓани, а посебно на оние кои директно ги имаат претрпено последиците.