Македонија
24. February 2021 - 15:37

Села: Поднесовме интерпелација за Спасовски по смешните сценарија со Мијалков

По вчерашниот скандал со бегството и појавувањето на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, Алијансата за Албанците и Алтернатива поднесоа интерпелација за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Театар, како може јас да давам проценка за смешните сценарија кои се прават деновиве. Два дена се прави театар. Исчезна Мијалков, па се појави и кажа дека имал температура. Една ноќ претходно цело семејство, синовите, не знаат каде е татко им, а најскандалозно е дека Сашо Мијалко доби домашен притвор. Тоа е доказ за договор меѓу Мијалков и Заев. Тоа е доказ дека сите актери кои правеа сценарија за 27 април сега се заедно со Владата – рече Села.

Села кажа дека живееме во држава каде од час во час има нов скандал, а политичарите од власта ги нарече лажговци.

– Не водат и владеат со нас лажговци, а не одговорни политичари. Уште еднаш ги повторувам зборовите на Заев кога беше опозиционер. Заев тврдеше дека невини луѓе лежат во затвор за „Монструм“, дека вистината е многу болна. Кажуваше сценарија кога ќе биде објавена вистината оти била многу болна и да не наштети на меѓуетничките односи. Заев денес никаде го нема а партијата на прес конференција порачува  дека не теба да се мешаме во судски одлуки.  Кога лажеше Заев? Лажеше тогаш или лаже сега.  Ова не е лага која се фрла за да се добие власт, туку се работи за чувства на родители кои изгубиле најмили и на родители чии невини блиски ќе одат во затвор. Заев треба да даде оставка оти гласови доби и од Албанците дека ќе ја каже вистината за „Монструм. Нема правна држава туку има здружување на бившите противници во една криминална власт. Гледаме сценарија во боливудска режија – рече Села.