Македонија
4. July 2022 - 16:39

Села даде зелено светло за францускиот предлог, поддршка и од БЕСА

Опозициската Алијанса на Албанците на Зијадин Села го прифати францускиот предлог за почеток на преговорите со Европската Унија по средбата со премиерот Ковачевски како дел oд владините консултации. Иако предлогот не му бил разгледан, Села смета дека државата нема друга алтернатива освен што поскоро да ги почне преговорите со Унијата, а потоа преку договор и преговори да ги решава отворените прашања со Софија.

Села вели дека сочувствува со сомнежите на македонските граѓани дека со предлогот можеби да се негира нивниот јазик и идентитет, но ги повика тие што протестираат да не подлегнуваат на манипулации.

Сепак, Села поддршката за уставни измени ја условува со воведување на албанскиот јазик во Уставот. На прашањето дали доколку помалите партнери на Ковачевски излезат од Владата поради несогласување со предлогот Алијасана ќе го дополни мнозинството, Села вели во владата влегува само по победа на избори.

Речиси истоветни ставови со Алијанса стигнаа и од опозициската БЕСА на Касами.

 „Движењето БЕСА е информирано од Владата за францускиот предлог и во согласност со партиските одлуки, Движењето БЕСА уште еднаш потврдува дека ќе го прифатиме секој предлог што го отвора патот за интеграција во ЕУ и дека истиот нема да им наштети на интересите на Албанците во земјата“, пишуваат од БЕСА. И тие во уставните измени од францускиот предлог ги условиваат со алабнски јазик во Уставот.

За ставовите на албанската опозцијата, лидерот на опозциската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски вели дека секој има демократско право да си го гради својот став.