Свет
12. April 2016 - 9:40

Секси облеката и пијанчењето забранети за време на прославата на тајландската Нова година

Со декрет потпишан лично од шефот на воената хунта, генералот Прајут Кан-ока, за веме на седумндневната прослава на Сонгкран, тајландската Нова година, полицијата ќе ги приведува славениците, кои носат провокативна, секси, облека или пијат повеќе алкохол.

Прославата на Сонгкран, трае седум дена, од утре до 20 април, а покрај убавите фестивалски настани Тајланд овие манифестации ги памети и со преголем број жртви на сообраќајни несреќи, со над 1.000 загинати секоја од последните 10 години..

Од денеска од Бангкок и другите градови илјадници возила се упатуваат кон познатите туристички центри и населбите од кои дошле жителите на градовите. Полицијата со зајакнати патроли и илјадници камери се обидува да го регулира сообраќајот.

Жените и девојките кои според проценките на полицијата и голем број волонтери нема да бидат „соодветно облечени“, ќе бидат отстранети од 40 зони прогласени за масовни шеталишта.

Строго ќе биде контроирано и однесувањето при масовното капење и прскање со вода, едно од обележјата на манифестациите со кои жителите на Тајланд ја спраќаат старата година.