Македонија
1. јуни 2020 - 20:39

Секојдневен риболов на Мавровското Езеро до крајот на октомври, на Радика само за викенди и празници

 

Управата на НП „Маврово“ од денеска го прошири терминот за спортски риболов на Мавровското Езеро. Риболовците можат да фаќаат риба секој ден до крајот на октомври. По долината на Радика и притоките, рибарењето ќе биде дозволено само за викенд и за празници.

Од информативниот центар на најголемиот национален парк во земјава потсетуваат на правилата кои се однесуваат на рибарењето во езерото, особено кога е природниот мрест на поедини видови риби.

– Покрај ограничувањата на дозволениот дневен улов, риболовците треба да ги почитуваат и пропозициите за опремата. Дозволени риболовни средства се: до две риболовни трски со три јадици или три риболовни трски со по една јадица. Максималниот дневен улов на пастрмка над 35 сантимитри е две парчиња, наведуваат од НП „Маврово“.

По Радика и околните водотеци, рекреативен и спортски риболов може да се спроведува до 30 септември. Дозволениот дневен улов е три примероци со големина над 30 сантиметри, а од риболовни средства: машинка со исклучиво вештачки мамци, блинкер, мушички (до три мушички на сет). Дозволени денови за риболов на река Радика и притоки се петок, сабота, недела и државни празници.

За да се лови риба на територијата на паркот потребна е валидна дозвола, која може да се добие и по електронски пат преку веб страницата. https://npmavrovo.mk/buy/130.

Дневна дозвола за спортски риболов изнесува 200 денари, седумдневна 1000, а годишна риболовна дозвола 4000 денари.