Македонија
1. јуни 2023 - 21:26

Секоја општина своја држава - Македонија има 400 парафискални давачки

Речиси 400тини парафискални или скриени давачки плаќаат граѓаните и фирмите за да извадат одреден документ или потврда од државна институција или општина. Овде спаѓаат сите неданочни такси и надоместоци како админстративни давачки, дозволи, потврди, плаќање фирмарини и слично, кои преставуваат значителен товар и за бизнисот и за граѓаните. Целта е да се оптимизираат, односно да се спојат дел од парафискалните давачки, како и целосно да се дигитализираат услугите кои ги нудат институциите.

- Анализите направени во рамките на проектот покажаа дека од вкупно 377 давачки, дури 255 се административни такси и се регулирани во тарифникот на Законот за административни такси, останати неданочни плаќања регулирани со други материјални закони се вкупно 117, додека давачки кои се наплаќаат од самостојни органи на управа и се воедно давачки од кои одат директно во буџетот на органот се вкупно 46, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

- Административниот товар е поголем во однос на финансискиот. Парафискалните давачки се зголемиле во споредба со 2019 та година...Целта е оптимизација, изјави Благица Петрески, ФајнансТинк.

Парафискалните давачки им носат значителен приход на општините, но бизниот не верува дека овие пари се трошат за добро на граѓаните, за инфраструктурни проекти кои ќе им донесат бенефит, туку напротив - приходите се трошат за партиски вработувања.

- Знаете кој е бенефитот за нас граѓаните од овие пари? Нула, ништо. Парите од општината одат за дополнителни вработувања, без разлика од која партија е градоначалникот на општината – сите се за тоа.

Покрај финансискиот, поголем проблем и за граѓаните и за фирмите е губењето време од трчање од шалтер до шалтер, од институција до институција. Затоа и владините претставници и стопанствениците се согласни дека дел од давачките треба да се укинат, а дигитализацијата да стартува што поскоро.