Македонија
30. May 2018 - 21:28

Секој втор македонски граѓанин пуши цигари

Половина од македонските граѓани се пушачи. Цигари пали секој трет тинејџер, покажува статистиката на Институтот за јавно здравје. Според последните истражувања тутун користат дури 46 проценти од населението на возраст од 15 до 64 години. Со овие бројки Македонија е на врвот во Европа по пушењето цигари. Лекарите се категорични дека токму пушачите и до 4 пати повеќе страдаат од срцев или мозочен удар, болести од кои во Македонија годишно умираат близу 11.000 лица.

- Кардиоваскуларните болести се одговорни за над 50 проценти од сите смртни случаи годишно во Македонија. Кај нас е типично дека од срцев удар повеќе умираат мажи, додека од мозочен удар повеќе умираат жени, изјави проф.д-р Елена Ќосева, Институт за јавно здравје.

И министерот за здравство укажа дека тутунот е причина за 12 проценти од смртните случаи поради срцеви заболувања. Но, и покрај загрижувачките податоци за Филипче либерализацијата на законот за пушење од пред 2 месеци е само менување на дефиниција иако се дозволува палење на цигари и во затворените и во отворените тераси на угостителските објекти.

- Во законот е променета само дефиницијата со која се регулира пушењето надвор од затворени простории, пред угостителските објекти. изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Министерот Филипче не одговори дали претходниот поригорозен или сегашниот полиберален закон за заштита од пушење ќе ја намали употребата на тутунот во Македонија. Тој со кампањи ќе ја подигнувал свеста кај населението за штетноста на цигарите.