Свет
6. February 2016 - 15:22

Секој четврти Германец оправдува пукање при илегален влез на мигранти

Секој четврти германски граѓанин смета дека граничните служби треба да употребат огнено оружје доколку мигрантите се обидат илегално да влезат во земјата.
 
Според анкета спроведена од компанијата „ЈуГов“,  29  отсто од испитаниците сметаат дека би било оправдано бегалците да се запрат со оружје доколку тие не влегуваат согласно законите на државата, пренесува весникот „Ди Велт“.
 
Анкетата е спроведена откако Фрауке Петри, лидер на партијата Алтернатива за Германија (АФД) минатата недела изјави дека граничните служби мора да го запрат илегалното влегување во земјата, а ако мораат притоа треба да пукаат на мигрантите.
 
Таа изјави дека ниту еден полицаец не сака да пука на бегалци и дека и таа не го сака тоа, но дека ако нема друга алтернатива тоа би било оправдано.
 
Партијата АФД која лани се соочуваше со распаѓање, поради состојбата со бегалците стана трета најсилна партија во земјата со над 10 отсто поддршка од граѓаните. 
 
Коментарите на Петри предизвикаа остра дебата меѓу политичките партии и на социјалните мрежи по што вицепремиерот од редовите на Социјалдемократите побара АФД да биде под присмотра на безбедносните служби, кои следат терористички организации. 
 
Со последната анкета се покажува дека критиките кон АФД од страна на владеачката елита и медиумите не се поддржани од голем дел од јавноста, со што расте поделбата меѓу граѓаните и федералната влада.
 
Според анкетата, речиси 30 проценти од граѓаните би презеле самите насилни акции доколку полицијата не успее да се справи со безбедносните предизвици, а овој процент кај машката популација е уште повисок (33  отсто). 
 
Прашањето за безбедноста и работата на полицијата стана актуелно откако се покажа дека полициските служби освен што не реагирале соодветно за време на сексуалните новогодишни напади во Келн и други градови туку се обидела да ги скријат размерите од нападите предизвикани од групи мигранти.  
 
Во друга анкета, спроведена од телевизијата „Н-ТВ“, која е дел од мрежата на американската телевизија Си - Ен - Ен, на прашањето дали Меркел има контрола врз ситуацијата, само осум отсто  од испитаниците се изјасниле позитивно. Дури 92 отто од испитаниците во Германија сметаат дека канцеларката Меркел нема контрола на состојбата во земјата во врска со бегалците.