Бизнис
21. September 2018 - 19:34

Секое четврто дете во Македонија живее во сиромаштија

Секое четврто дете во земјава живее во сиромаштија. Особено најзастапена е во североисточниот регион каде секое второ дете се соочува со тој проблем. Од УНИЦЕФ велат дека борбата со детската сиромаштија не е само финансиската помош, туку потребна е трансформација на целокупниот систем во државата.

“Мислам дека овие приходи не се доволни за да се извлече семејството од сиромаштија. Треба да се инвестира во образованието, во креирање работни места, во можности, однадвор вложувања, странски инвестиции каде што ќе се зголеми можноста за нивно самостојно егзистирање и извлекување од сиромаштијата”, изјави Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Најавената социјална реформа ќе го зголеми опфатот на семејства што ќе добиваат детски и образовен додаток. Од следната година 65.000 деца ќе земаат по околу 3.300 денари. До сега вакот тип финансиска помош добиваа само 3.500 деца.

“Детската сиромаштија како најтешка форма на сиромаштија, секоја држава ја чини најскапо. Детската сиромаштија не е прашање на една институција, туку на целото наше општество”, вели Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

Според статистиката на социјалните служби, само едно од 300 сиромашни деца оди во градинка, а секое трето дете е лишено од средно образование.