Loading Video...
Фудбал
17. March 2019 - 18:19

Сејдини: Ќе најдеме заеднички јазик со АМС

Единствениот кандидат за избор на нов претседател на ФФМ Муамед Сејдини ја доби довербата на делегатите на собраниската седница во Охрид и е новиот 5-ти претседател на фудбалската федерација, функција која ќе ја извршува до 2021г. како дополнение на претходниот мандат на Илчо Ѓорѓиоски кој даде оставка на функцијата во 2017г.

Од присутните 90 делегати  82-ца делегати гласаа за Сејдини додека еден беше воздржан.

 Гости на ФФМ беа  Хајди Беха од  ФИФА, Давор Шукер од  УЕФА, генералниот секретар на  МОК Сашо Поповски и  заменик- директорот на АМС Газменд Ристеми.

УО на ФФМ од делегатите на собранието доби овластување да направи анализа и промени во системот на натпреварување во Втората и Третите фудбалски лиги. 

Сејдини најави нови инфраструктурни проекти и зголемување на масовноста во македонскиот фудбал.

Да потсетиме дека вчера  АМС го оспори собранието како незаконско и побара од ФФМ на денешното собрание да ги направи потребните измени во статутот и актите за да се усогласат со законот за спорт и да закаже нов датум за изборното собрание. Таква точка на дневниот ред немаше туку директно се пристапи на изборот.  Директорот Каевски на вчерашната прес конференција најави дека непочитување на процедурата од страна на федерацијата може да заврши со одземање на дозволата за дејност спорт  и криза во мак-фудбалот.

„Мислам дека ќе ги надминеме сите проблеми со АМС. Има простор и време, ќе седнеме и ќе се договориме за доброто на мак-фудбалот“ изјави Сејдини за ТВ Сител.