Ракомет
11. March 2019 - 15:32

СЕХА завршницата ќе се одржи во Брест

На коло пред крајот на регуларниот дел од сезоната раководството на СЕХА ракометната лига реши, завршниот фајнал-фор турнир да се игра во Брест, Белорусија. 
 
Завршниот 8-ми фајнал-фор во СЕХА лигата ќе се одржи на 2 и 3 април во белорускиот град Брест. Ова денеска и официјално го потврдија од СЕХА раководството. 
 
Трите тима кои ќе се обидат да му ја одземат титулата на македонскиот и актуелен СЕХА шампион Вардар, ќе бидат домаќинот и организатор на турнирот Мешков, како и хрватските претставници ППД Загреб и Нексе. 
 
Единствено останува непознаница кој против кого ќе игра во полуфиналето.
 
Откако вчера Вардар загуби од Нексе 24-21, а ден порано Мешков го победи ППД Загреб, сега Нексе е прв на табелата со 13 победи и 4 порази, колку што имаат второ пласираниот ППД Загреб и Вардар кој падна на третото место, додека Мешков Брест е веднаш зад нив со една победа помалку (12 победи и 5 порази)
 
Така по одигрувањето на последното коло, чии средби на програмата е утре и задутре ќе решаваат за конечниот пласман на табелата, а со тоа и распоредот во полуфиналето.
 
Вардарци утре (17:15 часот) гостуваат кај последно пласираниот Извиѓач, додека во среда ППД Загреб го пречекува Татран, а во последниот меч Нексе ќе биде домаќин на Мешков Брест.