Ракомет
18. October 2018 - 10:26

СЕХА: Вујо го изненади Металург

Металург уште ќе ја чека својата прва победа во СЕХА лигата, откако на домашен терен не успеа да го победи ниту српскиот Железничар од Ниш, губејќи со 29:30 (13:16) и така дозволувајќи тимот на Веселин Вујовиќ да дојде до втората победа во регионалното натпреварување.

Гостите во претходното коло ја остварија првата победа во СЕХА оваа сезона против Извиѓач, и сега се одвоија на табелата со два триумфи, додека Металург остана на дното токму со босанскиот Извиѓач, со кого го освоија единствениот поен со 27:27 ремито.

По првичното водство на Металург, гостите поведоа од седмата минута (3:4) и останаа во предност во текот на целиот меч, приморувајќи ги домаќините да се „бркаат“ гол-за-гол. Металург во самиот финиш на мечот успеа да се доближи на само еден гол разлика, но тоа беше максимумот.

Мартин Серафимов беше најрасположен за игра со девет гола, додека Халил Јагањац додаде пет за Металург, додека Железничар го имаше Предраг Вејин со осум гола, и Ѓорѓе Спасиќ со шест. Новото засилување, поранешниот ракометар на Вардар, Добривое Марковиќ имаше скромни два гола.