Ракомет
31. October 2015 - 16:23

СЕХА: Вардар убедливо против Борац

Вардар ја оствари својата шеста победа во СЕХА ГСС лигата, совладувајќи го Борац Мтел од со 39-27, во СЦ „Јане Сандански“.
 
Вардар на натпреварот против Борац беше со комбиниран состав. Покрај Стоилов и Деревен кои не се во екипата подолго време, не играа Карачиќ, Тоскиќ и Ангелов, додека Горбок и Штербик, иако беа во записникот не влегоа на терен. 
 
Меѓутоа ова не беше пречка нашите момци да остварат уште една висока победа покажувајќи дека се една од најдобрите екипи во СЕХА ГСС лигата. Се виде дека Борац не е рамноправен ривал уште во првата четвртина од натпреварот, кога Вардар по резервираниот почеток направи серија од 6-0 и поведе со 9-4 во 13. минута.
 
Тимур Дибиров „леташе“ по теренот, погодуваше од секоја позиција и го предводеше нашиот тим во првото полувреме. Се играше ефикасно и со многу голови и на двете страни, а нашето водство не падна подолу од четири разлика до паузата. Во 18. минута Вардар имаше 13-7, тоа беа највисоките шест разлика кои ги задржа до крајот на првиот дел, со резултат 20-14.
 
Во вториот дел Раул направи замени во составот, Дибиров беше заменет од Манасков, Душебаев влезе на местото на Македа, а Брумен го замени Шишкарев, но екипата функционираше како подмачкана. Сега поагресивна беше нашата одбрана, па затоа и предноста полесно растеше. Достигна 27-19 во 42. минута, највисоки осум дотогаш, а кога Борац го стигна уморот и се одрази разликата во долгата клупа надминавме и десет разлика.
 
Во 50. минута Вардарци водеа со 31-24 и од овој момент направија серија од 6-1 со која предноста стана двоцифрена. Со шестата победа се искачивме на 18 бода, на второто место на табелата.