Ракомет
27. October 2015 - 13:26

СЕХА: Вардар домаќин на Мешков Брест

Македонскиот ракометен шампион Вардар по триумфот во саботата над Киелце во Лигата на шампионите се враќа и на обврските од СЕХА лигата, па така утре и во сабота ќе одигра два натпревара на домашен терен. Утре во Скопје ќе гостува екипата на Мешков Брест, а во сабота Борац Бања Лука.
 
- Мешков Брест е квалитетна екипа составена од многу добри играчи. Но, ние сега сме добро расположени, откако со Киелце го одигравме најдобриот натпревар сезонава. Имаме проблеми со дел од играчите, некои се заморени, некои имаат и повреди. По вечерниот тренинг ќе знаеме кои ќе играат. Но, наша обврска е да победиме, изјави на денешната прес-конференција тренерот на Вардар Раул Гонзалеc.
 
За првиот ривал капитенот Филип Лазаров рече дека е екипа претендент за настап на „фајнл-фор.
- Мешков Брест има квалитетен ростер. Тоа е екипа која заслужува и да игра во квалитетните групи од Лигата на шампионите. Ние сме малку уморни, но мора да победиме. Нашиот утрешен ривал е екипа која е кандидат за да игра на завршниот турнир. 
 
Последниот натпревар на двата тима одигран лани на завршниот турнир во Веспрем (полуфинале) го доби белорускиот состав Мешков Брест со 32:28.
 
Натпреварот Вардар – Мешков Брест се игра утре во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17:45 часот.