Македонија
11. March 2020 - 13:20

Седуммината со коронавирус во стабилна здравствена состојба, 12 се тестираат

– На Клиниката за инфективни болести и фебрилни болести има седум пациенти со коронавирус кои се со стабилна, лесна клиничка слика и никој нема потреба од механичка вентилација. Контролниот тест на пациентката која иницијално беше прва кај која е потврден вирусот, е негативен и таа во следните денови ќе биде пуштена на домашно лекување. Во моментов се тестираат 12 пациенти, истакна денеска на прес-конференција во Владата, министерот за здравство Венко Филипче и апелираше сите граѓани да се придржуваат до мерките за заштита од коронавирусот.

Од 12-те пациенти кои се тестираат, посочи, двајца на Инфективната клиника се дојдени со знаци на грип, тие патувале во Италија и дошле здрави пред пет шест дена, а изутрината развиле симптоми и се земени материјали, осум се од Дебар и тие се соседи на тројцата заболени хоспитализирани пред неколку дена, и имале интензвивни контакти со нив, и тие се на Клиниката, еден пациент е од Инфективното одделение во Штип, кој беше со знаци на грип од Кочани и кој исто така патувал во Италија, а еден пациент е испратен преку Центарот за јавно здравје во Прилеп.

Нагласи дека за два часа се очекуваат резултатите од тестирањето и ќе ја информираат јавноста.

Во врска со препораките кои вчера беа соопштени на јавноста, рече дека отсуството кон работодавецот работникот го регулира со потврда издадена од градинка односно училиштето на име на родителот со назнака за времето во кое истата важи со цел да се оправда отсуството.

– Во однос на прекинот на работата на дневните центри за згрижување на лица со попреченост, ослободувањето од работните активности на родителот на лице со попреченост е проширено и на овие лица кои се на возраст до 26 години, значи оваа мерка важи и за родителите на лица и деца кои се сместени и користат услуга во центрите за попреченост. Исто како и за родителите на децата од градинка или од училиште ќе треба да се даде потврда дека се корисници на таа услуга, рече Филипче.

Се наметна, посочи, прашањето за двајца родители кои работат во ист сектор, а оваа препорака не важи за секторот здравство, полиција, војска, пожарна, а денеска на седница на Влада ќе ја дискутираме и Царинската управа.

– Значи доколку двајцата родители работат во рамките на ист сектор, ќе треба едниот да биде ословбоден од работа и самохраните родители треба да бидат ослободени од работа. Се наметна прашањето дали овие мерки со оглед на тоа што се препораки освен за државните важат и за приватните компании. Напоменувам овие мерки важат за сите и непочитувањето ќе биде санкционирано и казнето согласно членот 205 и 206 од Казнениот закон за опасност од ширење заразна болест, истакна Филипче.

Апелираше да се црпат информации од пресови, и потенцира дека во кое било време се достапни за информации во кој било дел од денот.

– Жал ми е што бевме сведоци на лажни вести и на шпекулирање. Сметам дека тоа треба да се избегне со цел да не се создава непотребна паника. Ние сме пред болестите практично сите исти и затоа сите носиме иста одговорност. Апелирам сите да се придржуваат до мерките за заштита од коронавирусот, рече Филипче и ги повтори мерките за заштита од коронавирусот, а тоа се задолжителна 14-дневна изолација доколку некој доаѓа од ризичните региони, одржување лична хигиена – често и темелно миење на рацете и нивна дезифенкција.

Додаде дека во 14 часот ќе се одржи седница на Владата по што ќе организираат уште една прес-конференција со цел јавноста целосно да биде информирана.