Свет
18. December 2016 - 21:31

Седуммина загинати при престрелка меѓу вооружени напаѓачи и полиција во Јордан

Седум лица, меѓу кои една канадска туристка, четворица полицајци и двајца цивили, загинале, а повеќемина се повредени при престрелка меѓу вооружени напаѓачи и полиција во јорданскиот град Ал Карак.

Непознати мажи нападнале полициска патрола и отвориле оган врз зградата на жандармеријата во градот. Откако безбедносните сили тргнале кон нив, напаѓачите се скриле во градската тврдина, која е изградена во 12. век од крстоносците, а денес е посетувана од голем број туристи.

Соседните улици биле веднаш евакуирани. Во центар на престрелката се нашол и еден автобус со 20 туристи од Малезија. Туристичкиот водач, кој бил Јорданец, е повреден во нападот.

Првиот напад се случил кога полициска патрола пристигнала да го провери пожарот кој избил во една куќа во Ал Карак, при што мажите кои се наоѓале внатре отвориле оган врз полицајците и раниле еден од нив, а потоа побегнале со автомобил.

При вториот напад вооружените напаѓачи пукале во друга полициска патрола без повод, истовремено криејќи се во тврдината. Тие отвориле оган врз полициската станица и притоа повредиле неколку полицајци и минувачи.

Јорданскиот премиер Хани ал Малки, кој се наоѓал во Парламентот за време на инцидентот, изјави дека „специјалните сили и полицијата ги опколиле десетмината мажи кои се кријат во тврдината“.

Како помош од Аман веднаш се испратени специјални единици и хеликоптери.

Засега не е познато кој е договорен за нападите, но Јордан во минатото бил мета на исламисти. Јордан е главен член на коалицијата предводена од САД во борбата против Исламска држава во соседна Сирија.