Македонија
27. May 2022 - 16:36

Седуммина осомничени за измама во службата

Двајца управители на сектори на ЕВН Електрани Македонија ќе одговараат за измама во службата, а другите 5 лица за помагање во кривично дело. Обвинителството ги сомничи дека со измама се стекнале со 1,5 милион евра. Управителите во ЕВН со цел изградба на фотонапонски централи свесно и со намера влијаеле да бидат одобрени лажни анализи за земјишта во делчевско, а притоа дел од парцелите не ги исполнувале законските услови за пренамена од земјоделско во градежно земјиште. Проценетата пазарна вредност на нивите била околу 35.000 евра, а на осомничените им биле исплатени над 1.600.000 евра.

-Осомничените првично ги стекнале парцелите со формални договори за дар, кои во суштина се договори за купопродажба бидејќи за трансакцијата им биле исплаќани парични средства. Со тоа незаконски била избегната обврската за достава на писмена понуда или објава на јавен оглас за земјиштето, соопшти обвинителството.

Од Владејачката СДСМ обвинија дека сите осомничени лица се поврзани со ВМРО ДПМНЕ и и Христијан Мицкоски.

Сите овие луѓе, освен што се осомничени за криминал, се луѓе на ВМРО-ДПМНЕ и секако блиски на Мицкоски.

Клучно прашање е каква е улогата на Христијан Мицкоски во оваа афера? Јавноста очекува одговори. Јавноста очекува одговорност и целосно расчитување на оваа афера.

ВМРО-ДПМНЕ да не врши притисок врз институциите туку да ги остави да ја расчистат оваа афера и сите што го прекршиле законот да одговараат, рече Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ одговори дека власта конструира лаги и измислици за да ја дефокусира јавноста од тешкиот живот и инфлацијата.

-Видете јас сум навикнат да околу мене се конструираат лаги, измислици и невистини, четири и пол години сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ и најчесто тие што тоа го конструираат завршуваат со судски пресуди и треба да се извинат. Така беше многу пати во минатото така е и сега и така ќе биде во иднината. Нормално уплашени се знаат дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која што ќе ја формира следната влада и знаат дека ќе треба да одговараат за криминалот па сега се обидуваат да растураат пердуви и да конструираат лаги и измислици и да ги поврзуваат со мене.

Инаку обвинителството за шест од седуммината осомничени за измама бара мерка притвор, а за една осомничена мерки на претпазливост.