Македонија
8. March 2018 - 17:48

Седумгодишно дете од Прилеп ги знае сите држави во светот и нивните знамиња

Света Луција, Кирибати, Суринам, Палау, Того, Буркина Фасо, Бутан и Тонга се само дел од државите за кои не знаеме ниту каде се наоѓаат ниту дека воопшто постојат. Но 7 годишната Марија Матеска од Прилеп не само што ги знае сите над 200 држави во светот, туку ги знае и сите нивни знамиња. 
 
„Тука на ѕидот имам над 205 знамиња и јас ги знам сите кое знаме е од која држава, пример ова е од Науру, ова од Руанда, Барбадос, потоа Палау, Сејшелски острови и многу други“, вели Матеска.
 
Досега била во Бугарија и Албанија, но сака да ги посети сите држави во светот.
 
„Најмногу сакам да отидам во САД, во Нов Зеланд, Русија, Италија и Малдиви“, вели Матеска.
 
Со учењето на знамињата започнала пред 1 година, прво цртајќи ги на ливчиња заедно со нејзиниот татко, а потоа родителите и ги испечатиле сите на овој ѕид.
 
„Полека почнуваше да ги учи, 5 во група, па потоа по повеќе, ги повторуваше тие претходно што ги знаеше и така се претвори ова како една игра за неа“, вели мајката на Марија, Сашка Спиркоска Матеска.
 
„Со неа и јас ги учев знамињата и сеуште ги учам, има дел од африканските знамиња кои навистина не ги знам, имаат премногу слични симболи, но Марија ги знае“, вели таткото Љупче Матески.
 
Матеска вели дека нареден предизвик ќе и биде да ги научи сите главни градови на државите.