Свет
10. December 2019 - 17:45

Седум од осумте француски рафинерии се блокирани од штрајкови

Седум од осумте француски рафинерии денеска се блокирани, наведува синдикатот ЦЖТ, кој исто така ги повикува вработените во ЕДФ (француската електродистрибуција) да штрајкуваат и да демонстрираат на вториот ден од меѓупрофесионалната мобилизација против пензиските реформи, јавува дописникот на МИА.

-Станува збор за рафинериите на Есо и Тотал, чии вработени се во приватниот сектор, рече Емануел Лепин, федерален секретар на ЦЖТ Хемија, посочувајќи на „комуникацијата на владата која сака да убеди дека се мобилизираат само вработените во специјалните режими“ . Само рафинеријата Есо од Нотр-Дам де Гревеншон (Горна Нормандија) не е блокирана. За останатите, „ќе се одржи телефонска конференција по најавите на премиерот Едуард Филип во среда за понатамошниот тек на акциите“, додава тој, не исклучувајќи ја можноста да дојде до запирање на работата на рафинериите во случај на разочарување во однос на најавите за реформата на пензискиот систем.  

Портпаролката на Есо, зборува за „многу ограничено влијание од штрајкот на рафинеријата Фос со само блокирани пратки и нема внатрешно движење во Гравеншон“. Рафинеријата „Тотал Донгес“ (Лоара-Атлантик), која функционираше нормално во понеделникот, премина на 24-часовен штрајк со кој се бара повлекување на владиниот проект за реформа на пензискиот систем. „Исклучени се пратките на рафинерските производи преку цевководи, бродови, возови, камиони. Ниту една капка гориво не ја напушта рафинеријата. Работните задачи не се извршени, освен оние поврзани со безбедноста на инсталациите. Оперативниот персонал утре повторно ќе одлучи за продолжувањето на движењето “, вели ЦЖТ.

Во Вар, синоќа околу 23 часот околу 60 лица се обидоа да го блокираат депото за нафта во Пугет-сур-Арѓенс, но операцијата беше спречена од жандармеријата.

ЦЖТ исто така ги повикува вработените во ЕДФ да се мобилизираат „барем на исто ниво како на 5 декември“, каде што според синдикатот повеќе од половина од персоналот излезе на штрајк (41,6 отсто од вкупната работна сила според дирекцијата ). Според Лоран Хередија, федерален секретар на ЦЖТ Енергија, десетина места за производство на електрична енергија го започнале штрајкот вечерва со падови во снабдувањето со електрична енергија од 6.000 мегавати на мрежата.