Свет
22. February 2020 - 10:33

Седум нови земји на „сивата листа“ на финансиери на тероризмот

Меѓународната агенција за следење на финансирањето на тероризмот (ФАТФ) соопшти дека додала седум нови земји на „сивата листа“ поради пропусти во борбата против финансирање на терористички групи и перење пари.

Меѓу тие земји се наоѓаат Албанија, Барбадос, Јамајка, Маурициус, Мјанмар, Никарагва и Уганда.

На овие држави им е наложено да преземат низа правни и други мерки, за да можат да бидат отстранети од листата и да избегнат натамошни финансиски казни.

ФАТФ, исто така, најави заострено следење на Иран, а истовремено е издадено и предупредување до пакистанската Влада, која доби уште четири месеци да ги зајакне мерките во борбата против финансирањето на тероризмот и да не се најде на „црната листа“.

Меѓународната агенција воведе дополнителни мерки на следење против Иран, кои подразбираат проверка на уште некои трансакции, што би можело да предизвика поголем проблем во работата на странските инвеститори во таа земја.