Македонија
14. March 2019 - 16:04

Седум лица осомничени за автобуската несреќа - технички пропусти на автобусот однесе во смрт 15

Неисправните сопирачки и недозволената брзина од 99 км на час се  главните причини за несреќата кај Ласкарци. По едем месец од трагедијата во која загинаа 15 патници а 39 завршија во болница, обвинителството поведе постапка за 7 лица.

Шестмина меѓу кои и газдата на Дурмо турс и возачот се осомничени за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот а седмиот ќе одговара за несовесно работење во службата бидејќи издал потврда за тахографот кој ја покажува брзината без да провери дека во автобусот манипулирале со уредот да покажува лажни бројки.

-Првоосомничен е сопственикот на „Дурмо Турс“, кој е и управител на фирмата. Тој единствен поседувал задолжителен сертификат за професионална компетентност во правниот сообраќај врз основа на кој сертификат е издадена лиценцата за превоз, но не го организирал превозот согласно прописите и не водел евиденција, а тоа му го препуштил на раководителот на „Дурмо Турс“ кој не поседувал сертификат, изјави Сашо Рајчев, скопски јавен обвинител.

Досегашната истрага на обвинителството покажала дека возачот не зборувал на телефон за време на несреќата а според лекарското вештачење бил во стабилна здравствена состојба.

Се движел со 99 километри на час, а го активирал и уредот за манипулација на брзината. Поради брзината изгубил контрола над автобусот, ја пробил заштитната ограда помеѓу двата правци на автопатот и пред да дојде до втората, односно да излета почнал да кочи, вели Рајчев.

Од вештачењата што ги добиле во обвинителството се покажало дека сопирачките во автобусот биле неисправни уште на техничкиот преглед во јули минатата година, но возилото продолжило да превезува патници.

-И на прегледот во декември се потврило истото, но му било дадена дозвола за работа, вели Рајчев.

И додека надлежните ги бараат одговорните за несреќата, двајца од повредените патници се уште се борат за живот на скопските клиники.

Досега во обвинителството изјави дале 47 лица а надлежните сеуште прибираат дополнителна документација што треба да им помогне во истрагата.