Македонија
30. December 2015 - 8:37

Седници на повеќе собраниски комисии

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за европски прашања, за транспорт, врски и екологија, за финансирање и буџет, Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Законодавно-правната комисија и Советот на Собранискиот канал.

Предлог - законот за медицинските сестри и акушерките, во прво читање е единствената точка на седницата на Комисија за европски прашања. 

Советот на Собранискиот канал денеска ќе расправа по договорот за работа на Советот и за реализација на програмата и програмскиот план на Собранискиот канал за тековната 2015 година.

Членовите на Комисија за транспорт, врски и екологија на денешната седница ќе дискутираат за Предлог-законот за урбано зеленило, во прво читање.  

На дневниот ред на седницата на Комисија за финансирање и буџет се предлог - законите за изменување и дополнување на Законот за буџетите, на Законот за јавен долг, на Законот за Царинската управа, на Законот за хартии од вредност, а меѓу другите и на Законот за експропријација, на Законот за акцизите, на Законот за вршење на сметководствени работи, сите во прво читање. 

Законодавно-правна комисија, како што е најавено, на седницата на дневниот ред ги има  предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за јавен долг и на Законот за буџетите, во второ читање, поднесни од пратениците од опозицијата.  

Ќе се расправа и по Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за матичната евиденција, Предлог-закон за извршување, како и по Предлог-законот за дополнување на Законот за трговските друштва, сите во прво читање.  На дневниот ред е и Предлог на законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со општествена и државна сопственост, во прво читање. 

Утврдување предлог-одлука за разрешување на член на Државната изборна комисија, е точката по која ќе дискутираат членовите на Комисија за прашања на изборите и именувањата.