Македонија
19. јуни 2017 - 8:39

Седници на две собраниски комисии

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Комисијата за економски прашања.

На дневен ред на Комисијата за политички систем се извештаите за работата на Агенцијата за администрација и на Судскиот буџетски совет за 2016 година, како и годишните извештаи за работата на Дирекцијата за заштита на личните податоци, на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, на Државната комисија за спречување на корупцијата и Комисијата за воедначување на казнената политика.

На седницата ќе бидат разгледани и извештаите на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка и на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен за 2016 година.

Членовите на Комисијата за економски прашања ќе расправаат по годишниот извештај и Предлог финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика, како и за Годишниот извештај на Комисијата за заштита на конкуренцијата и Извештајот за работа на Советот за статистика.

На дневен ред е и Предлог одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење енергетски дејности и годишниот приход на давателите на водни услуги остварен од давање на водни услуги за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за 2017 година.