Македонија
5. September 2017 - 11:07

Седница на Владата за ЕУ и НАТО интеграцијата и Рамковниот договор

Владата на Република Македонија денеска (12:00) ќе ја одржи 26. седница на која ќе бидат разгледани информациите за состојбите и напредокот во процесот на европска интеграција, за користењето и за имплементацијата на фондовите од ЕУ, за статусот на реализацијата на приоритетите за влез во НАТО, како и за реализацијата на Рамковниот договор.

На седницата, како што информира владината прес-служба, ќе биде разгледана и информацијата на Министерството за труд и социјална политика за ревидирање на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2017 година, и информацијата за маргинализираните семејства што живеат во субстандардни услови под Кале, со предлог мерки за решавање на ова прашање.

Владата ќе ја разгледа и информацијата за соработката меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Турција во областа на воспитно-образовниот процес, како и информацијата за подготовка на Седмиот состанок на Специјалната група за реформа на јавната администрација во рамките на Комитетот за стабилизација и асоцијација, кој ќе се одрживо Скопје на 20 септември 2017 година.

На предлог на Министерството за здравство, пред министрите денеска ќе се најде на рагледување и усвојување на Предлог-програмата за изменување и дополнување на Програмата за трансплантација во Република Македонија за 2017 година.

Владата денеска ќе ја разгледа и информацијата за воспоставување одржливост на националниот одговор на ХИВ во Република Македонија во рамките на буџетот на Министерството за здравство, како обврска преземена во рамките на препораките на Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА.

На дневен ред е и информацијата на Министерство за информатичко општество и администрација, за спроведената проверка на законитоста на процесот на вработување од денот на распишување на предвремените парламентарни избори до денот на изборот на Владата на Република Македонија.

На денешната 26-та седница, Владата ќе разгледа и други точки од интерес за граѓаните на Република Македонија, информираат од владината прес-служба.