Свет
11. November 2020 - 9:02

Седми ден по ред САД бележат рекордни бројки на новозаразени од коронавирус

Седми ден по ред САД регистрираат рекорден дневен раст на нови случаи на коронавирус, а бројот на смртни случаи е најголем од август досега.

Британските медиуми јавуваат дека во последните 24 часа во САД се пријавени најмалку 134.000 нови случаи на инфицирани со вирусот. Дневниот просек во претходните две недели изнесуваше 120.000 нови инфекции дневно.

Бројот на смртни случаи во едно деноноќие за прв пат од август надмина 1.400, а само во последните 24 часа умреле 1.450 лица.

Зголемувањето на бројот на хоспитализирани, исто така,  е загрижувачко, а во американските болници во моментов има сместено 61.471 пациент со Ковид-19, што е највисока бројка од почетокот на епидемијата.

САД се први во светот според бројот на потврдени и смртни случаи на коронавирус, со повеќе од 10,5 милиони заразени и околу 250.000 смртни случаи.