Македонија
7. јуни 2017 - 11:46

Се зголемува водостојот во акумулацијата Калиманци

Обилните врнежи од дожд присутни последниве неколку дена на подрачјето од Источна Македонија, придонесоа да се зголеми водостојот на водотеците и реките од регионот. Ова особено се однесува на реките Каменичка и Брегалница кои се вливаат во акумулационото езеро Калиманци.

Од Водостопанското претпријатие „Брегалница“ од Кочани информираат дека во моментот во Калиманци има акумулирано 75 милиони метри кубни корисна вода. Зголемувањето на количините на вода, според денешните утрински мерења, изнесува 11 метри кубни вода во секунда.

Паралелено со акумулирањето на водите од водотеците и реките од регионот, додаваат, од акумулацијата Калиманци за потребите на површините под ориз се испуштаат потребните колични на вода. Така по десниот магистрален канал од утрово се испуштаат по 4 метри кубни вода во секунда. Вака намалените количини на вода се испуштаат од причина што земјоделците на голем дел од површините под ориз го вршат прскањето против плевелите и другите штетници кај оризовата билка. По левиот магистрален канал од утрово се испуштаат само 100 метри кубни вода во секунда за полевање на нивите под ориз.

Од Водостопанство „Брегалница“ истакнуваат дека расположивите количини на корисна вода во акумулацијата Калиманци од 75 милиони метри кубни ќе бидат доволни за успешно завршување на наводнителната сезона кај оризовата култура и во најсушните денови од летото.

Под ориз пролетва во регионот се насеани 2.500 хектари, двојно помалку од планирањата на почетокот на сезоната. Рестрикциите се направени поради немање доволни количини на акумулирана вода во акумулацијата Калиманци.