Македонија
19. јуни 2019 - 16:32

Се запишал на Универзитетот во Утрехт, но нема да добие државна стипендија - причината парадоксална

Влегол во трката да магистирира на престижен холандски универзитет но земјава не му доделила стипендија. Младиот правник, Петар Барлаковски, вели дека побарал поддршка од Министерството за образование бидејќи школувањето и престојот во Холандија не може да си ги дозволи.

Според конкурсот, кандидатите за државна стипендија е потребно да имаат завршено прв циклус студии, нивниот просек да е над 8,50 и да се примени на универзитет рангиран меѓу првите 10 во светот според Шангајската листа. Барлаковски вели дека ги исполнувал сите критериуми согласно конкурсот ама добил негативен одговор.

Од министерството за образование велат дека Барлаковски е одбиен за државна стипендија поради разликата во бројот на кредити.  Апликантот имал 180, а со едногодишните мастер студии од Утрехт ќе имал вкупно 240 кредити.

„Според нашиот систем, магистер е лице со образование кое обезбедува 300 кредити и нема да може да се спроведе постапка за нострификација на дипломата“, велат од МОН.

Барлаковски знаел за ова па запишал магистерски студии и на правниот факултет  во Скопје но вели дека комисијата тоа не го зела во предвид.

Младиот правник најави дека ќе се жали на одлуката од Министерството за образование на како што вели, правно-необразованата комисија која го разгледувала барањето за државна стипендија.