Се заострува реториката меѓу Рускоска и Муареми
Да се спречи атакот врз Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, бара Обвинителката Вилма Русковска. Згрозена е од односот на првиот човек на Управата за финансиска полиција, па во расветлување на случајот, Русковска повика да се вклучи меѓународниот фактор.
„Згрозувачки е овој притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата, како и мешање во предмет на ОЈО ГОКК кое е стриктно забрането согласно Законот за јавно обвинителство. Токму поради овој атак врз Обвинители на ОЈО ГОККК, треба и Меѓународните институции, како и Амбасадите на САД и ЕУ, сериозно да превземат мерки, затоа што ова најмалку доликува на земја членка на НАТО и земја што почнала преговри за ЕУ каде владеењето на правото е императив“
Реакцијата на Русковска следи отако вчера, Директорот на финансиската полиција, на брифинг со новинарите најави кривични пријави за шефицата и неколкумина обвинители во обвинителството кое гони криминал и корупција.. Според Русковска, токму тие ја имале клучната улога во гонење криминал направен од државни функционери.
„Сакам да прашам како тоа се напаѓаат клучните обвинители кои ги виделе случаите против Катица, Ременски, Рашковски и Зекири, а во исто време водат и повеќе предистраги за актуелни и поранешни високи владини функционери?
Ги повикувам сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред се Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ да еднаш засекогаш се проверат сите факти и се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот“, потенцира Русковска.
Таа вели е подготвена да објави какви информации поседува обвинителството за Арафат Муареми, а јавноста да суди кој прави а кој штити криминал, бидејќи како што вели, никогаш нема две вистини.
„Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија, во Македонија не смее да владее вољата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери за обвинители да замижуваат пред било кој криминал, па тој и да е во највисоките ешалони на власта“
Директорот на „финансиска“, пак ја повика Русковска да му поднесене обвинение ако поседува докази дека тој сторил криминал.
„Доколку располага со сознанија и информации за сторен криминал од моја страна - истите да ги докаже и на јавноста да и пласира обвинителен акт против мене, а не празни и неосновани сознанија и информации, дискредитиријаќи ја во целост функцијата која ја извршува“
По преписката меѓу Русковска и Муареми, се огласи Здружението на јавни обвинителите.. Велат, никогаш не биле спречени самостојно да водат истраги за кои имаат надлежност.
„Јавното обвинителство имало и има капацитети и институционални можности да ги преземе сите неопходни дејствија и апсолутно независно да одлучува во секој еден предмет, без притоа да има потреба од надзор од амбасади или меѓународни организации“
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар